Saturday, 21 January 2012

Articles from the past - "All Days are Nights и триумфот на надежта“

Ако може да зборуваме за ренесансен уметник во модерната ера и ако размислуваме за ваква референца во популарната музика, несоменено првото име што ни се наметнува е она на канадско-американскиот автор и пејач Rufus Wainwright. Како музичар во чии дела го слушаме ехото од минатите музички епохи, започнувајќи од класицизмот па сe до популарната музика на денешницата, опусот на Wainwright содржи неколку главни теми кои се преобразуваат во повеќе аспекти на неговите композиции. Тие се: операта, литературата и поп културата. Неговиот опус се повикува на богатото музичко наследство од неговите родители, како и од духовните извори на современата музика како Bob Dylan, Jeff Buckley, Judy Garland, Edith Piaf и Van Morrison. 
 
Дискографијата на Wainwright открива обиди за инкорпорирање фрагменти од популарната култура во неговите “траги-комедии” (како што е “Vibrate” од албумот “Want One” од 2003 година), како и тенденции за вметнување на рок музика во инаку анахроничното кабаре – поп. Уникатниот стил на овој музичар содржи многубројните алузии на италијанските романтични опери на Верди и Пучини. Rufus Wainwright е феномен во денешната музика – со експресијата на својот креативен дух Wainwright е музичар кој повеќе се обидува да стои настрана од своето време, отколку да биде дел од него. 
 
Единствен меѓу своите современици, Rufus Wainwright влегува на сцената на музиката со извонредно уверлива естетика. Уште со првиот соло албум “Rufus Wainwright” од 1998 година, тој создава препознатливо име на мапата на меинстрим музиката со широчината на звукот и оркестарските аранжмани, храбрите модулации и акордски прогресии, како и со елементи и цитати од класичната опера во песни со различни стилови и текстури. Конечно, неговата прва опера Prima Donna премиерно поставена во 2009 година, која е де факто класична опера во препознатливата смисла на зборот, претставува исполнување на неговите амбиции за пишување на свежа и пред сe лична опера. Земајќи го предвид предизвикот за компонирање на најобемната и најсложената музичка форма без ниту еден претходен обид во подрачјето на симфониското и оперското творештво, неблагодарно би било да не се признае дека музичкиот талент на Wainwright открива длабочина и потенцијал и во голема мера одговара на предизвикот поставен пред него.

Ако инструменталните аранжмани во неговите претходни соло проекти прераснаа во екстравагантни оркестраци во продукцијата на Prima Donna за чија изведба се потребни 70 изведувачи, се чини целото тоа богатство исчезнува во најновиот албум со наслов “All Days are Nights: Songs for Lulu”, оставајќи го Руфус во интимна контемплација со својот инструмент и соочување со длабоките емоции.  Според неговите зборови “во суштината албумот “All Days are Nights” е  оплакување на мојата мајка додека беше сеуште жива.” Канадската фолк пеачка Kate McGarrigle беше дијагностицирана со рак во 2006 година и почина во јануари 2010, “со целото музичко семејство хармонизирајќи околу неа.”

Првиот дел од насловот “All Days are Nights” е превземен од последниот куплет на Сонетот 43 на Вилијам Шекспир ("All days are nights to see till I see thee...”). Запрашан во едно интервју од ноември 2009 за референцата “Лулу” која се појавува во вториот дел од насловот на албумот, Rufus истакнува дека Лулу е “темна, замислена, опасна жена која живее во сите нас”, слична на карактерот на Темната дама во сонетите на Шекспир. Wainwright тврди дека неговата Лулу е Louise Brooks од филмот Pandora's Box од 1929 година. Тој исто така, во интервју има кажано дека Лулу е референца на операта со ист наслов од Албан Берг, која претставува адаптација на драмата “Earth Spirit” (Erdgeist, 1895)  од 1895 и “Pandora's Box” (1904), од кои втората претставува инспирација за горенаведениот филм на Georg Wilhem Pabst.

All Days are Nights: Songs for Lulu претставува интимна исповест, дијалог на пијаното и вокалот кој нe внесува во свет на експресивна поезија и воздивнувачки емоции. Ослободен од симфонискиот звук и слоевитоста на фактурата и инструментацијата кои создаваа мини симфонии од неговите претходни композиции, последното остварување на младиот автор е негов досега најиздржан и најнепрекинат израз. Генералниот музички тон во овој албум варира меѓу емоционалната набиеност изразена во клавирските арпеџа како омаж на Рахмањинов, и меланхонијата на Шопен, преку свингот и музиката на Гершвин, до популарната музика на 20тиот век. 
 
Како познавач на операта, на Rufus Wainwright му се кристално јасни вредностите на воведот, односно увертирата, односно првата композиција која воведува во музичката атмосфера на албумот. Ако во Release the Stars тоа беше експлозивната Do I Disappoint You која ја подигнува завесата и оддава звук на оркестри кои се развиваат и симултано свират во вториот дел, фуриозно водејќи кон кода, без исклучок и во најновиот албум, првата композиција ја има истата убедлива енергија и емоционален порив.  Во “Who are you, New York”, Wainwright користи арпеџа во градации на крешендо и декрешендо, додека го истура своето срце врз педалот и раскажува за “опсесивната потрага на неименуваниот објект на желбата”. Песната е оригинално напишана за филм, но на олеснување на Руфус истата завршува одбиена од филмските продуценти. Во стиховите постојат референци на симболите на Њу Јорк: Grand Central Station, Madison Square Garden, Empire State Building. “Sad with what I have” опишана како “бездна на самосожалување”, додека “Martha” претставува замислен дијалог со неговата сестра и музичар Martha Wainwright. Во интервјуто за магазинот NME, самиот Руфус има изјавено дека песната говори за “конечната природа на времето – ние можеме да се движиме напред, но еден ден сите заминуваат и не постои ништо што некој може да направи да го промени тој факт.” Виртуозната “Give me what I Want and Give it to me now” разложените акордски пасажи со интонации на џез и свинг во мелодијата на десната рака. Својата рефлексија на тема “љубов” Руфус ја изразува во темата “True Loves”, во форма на поема во која “срцето од камен никогаш не заминува никаде”. “The Dream” е меланхолична потрага по “чувството за изгубеност кое се јавува откако ќе се разбудиме од прекрасна визија”. Горчлива во ова песна е заменета со баладата “What Would I Ever Do with a Rose”, која е вистинска поетична медитација за љубовта и природата, со скриени надолни и нагорни хроматски движења во мелодијата. "Les feux d'artifice t'appellent" е всушност финалната арија од операта Prima Donna. 

Во една од емоционално најдлабоките песни на албумот - баладата “Zebulon” која се карактеризира со бавна, тежна мелодија повторно наидуваме на референци за неговата мајка и сестра: “мојата мајка е во болница, а сестра ми на оперска претстава”. Брзото напредување на болеста на Kate е една од причините заради кои Руфус целосно се оддава на компонирање, оркестрирање и поставување на Prima Donna со цел да дочека неговата мајка да го придружува на премиерата. Во музиката, од состојба на длабока тага Руфус повторно зачекорува во свет на надеж, додека преобразениот звук на гудачи во клавијатурата ветува триумф, или барем привремено олеснување од болката.

Три од песните на албумот претставуваат адаптација на сонети од Вилијам Шекспир – “Сонет 10”, “Сонет 20” и “Сонет 43”. Wainwright пишува музика за овие и уште неколку сонети за Berliner Ensemble и неговиот авангарден режисер Robert Wilson во проект насловен “Sonette”. Премиерата на продукцијата се случува во Берлин, во април 2009 година и содржи 24 сонети, од кои секој е стилизиран со актери облечени во екстравагантни костими, ексцентрични фризури, надополнети со карактеристичното осветлување на режисерот и кореографија на куклен театар. Сонетите на Шекспир претставуваат повторно оживување на еден гениј на класичната литература во делата на друг гениј од современата музика, пренесени низ неговиот карактеристичен елегиски, а истовремено длабок и моќен баритонски тембр. Rufus на сонатите им дава современа резонанца и открива дотогаш непозната страна на нивната убавина.

Дали популарната музика воопшто некогаш звучела поубаво? И дали можеби Руфус е уметник изгубен во погрешна епоха, 200 години подоцна од своето време? После  повеќе од еднодецениска кариера и пет албуми, се чини дека најдоброто дело на Rufus Wainwright е конечно во нашите раце. Албум кој го топи срцето и хипнотизира, кој истовремено е длабоко инспиративен, меланхоличен, триуфален и беспрекорно виртуозен.

1 comment:

  1. Премногу елоквентно пишуваш и се чувствувам вистински инспириран да бидам и јас подобар кога читам колку само начитани и прошетани и кул луѓе пишуваат блогови.

    Дозволи само како фан една мала исправка да сугерирам преВземи не постои... Секогаш е преземи, презеде, зазеде, зазема и тн... Се надевам добронамерно ќе ме сфатиш...

    И уште нешто... Ми фалат референци, линкови, имбед на видео за да се слушне уште на самиот пост за што станува збор на пример. Тоа блогот го нуди, за разлика од пишаниот текст и треба да се користи.
    Јас сум пират по природа и убедување, па линк до торент каде да се симне музиката и тн, мене би ми заштедиле време и би ценел...

    Ова е веќе лично убедување и не мора да е точно... Секако голем поздрав

    ReplyDelete