Thursday, 5 January 2012

Харуки Мураками "1Q84" и музиката од зборови

„1Q84“ е без сомнение досега најамбициозниот роман на еден од најзначајните автори на светската постмодерна литература и миленик на публиката, Харуки Мураками. Романот содржи 928 страници и е поделен во три дела. За многу од вљубениците во творештвото на Мураками, во неговата „музика од зборови“, во надреалните слики на отуѓеност и осаменост, најамбициозното негово дело е воедно и најголемото разочарување. Моето мислење се совпаѓа со критиката во оној дел кој вели дека романот е предолг, неедитиран и репетитивен. Сепак, стојам во одбрана на ставот дека светот кој Мураками го создава, а кој е полн со алузии е свет кој ни најмалку не претендира да биде едноставен, но многу необичен, чуден, метафоричен.

„1Q84“ е роман кој читателот го внесува во наративно искуство кое малкумина автори на современата литература можат да му го понудат. Користејќи референци на повеќе литерарни икони, меѓу кои и Чехов, Достоевски, Орвел, романот создава алтернативна можност на орвеловата „1984“ преку невообичаена, повеќеслојна љубовна приказна за верноста и загубата. Книгата ги следи ликовите низ реалната 1984 година, додека паралелната 1Q84 е позната само на неколку избрани личности за кои таа, според доктрината на религискиот култ треба да биде година на избавување. И покрај должината и доследната алузивност, романот поседува хипнотички квалитет и со голема леснотија ве пренесува од една до друга страница, во часови на континуирано читање. Низ него, читателот станува дел од пејзажниот универзум, во кој границата меѓу реалноста и имагинацијата е бледа и безначајна.

Идејата дека светот на фантазијата и реалниот свет ги дели невидлива граница е мислата од која поаѓа развојот на приказната во романот. Во центарот на таа реалност стои една друга идеја, а тоа е вечноста на љубовта, начините преку кои ја наоѓаме и преку кои ја чуваме таа љубов, како и тенките невидливи нишки кои ја одржуваат. Покрај неа, Мураками допира и развива други теми, меѓу кои се историјата, религиските секти, насилството, убиството. Фантазијата влегува во тој реален свет на љубовта, не со намера да сугерира варијанта која целосно ќе го замени, туку да алтерира одредени негови делови. Да создаде нов свет, со ултимативна цел - да го уништи. Со други зборови, Мураками е вистински мајстор во евоцирањето на  целосно артикулирана визија на еден по малку кошмарен свет во кој човекот нема никаква моќ да влијае врз теченијата, туку е принуден безкомпромисно да ги прифати.

„Што е вистинскиот свет: тоа е мошне тежок проблем“, вели еден од ликовите во романот. Она што е, тоа е метафизички предлог. Но, ова не е вистинскиот свет, не постои сомнеж за тоа. Болката што некој ја чувствува во вој свет е вистинска болка. Смртта која се случува во овој свет е вистинска смрт. Пролиената крв во овој свет е вистинска крв. Не постои имитациски свет, не постои имагинативен свет, не постои метафизички свет. Ви го гарантирам тоа.“

Комплексната и надреална нарација на романот е претставена низ двата главни ликови кои ги поседуваат главните карактеристики на ликовите кои се носители на прозниот универзум на Мураками: длабоката осаменост, отуѓеност, недостатокот на емоции, изолираност, невообичено тешките детства. Иако нивните патиштата се разделуваат продолжувајќи во две различни насоки додека се сеуште многу мали, Тенго и Аомаме непрестајно и интезивно размислуваат и се сеќаваат еден на друг. Тие се обединети преку нивните мачни детства, осаменоста и емоционалната празнина и преку еден единствен физички допир на нивните раце. Овие настани се дадени како реминисценција во текот на дејствието кое започнува дваесет години после нивната последна средба. На почетокот на дејствието, Аомаме, која е самоуверена жена, тренер по боречки вештини и фитнес, која во слободно време делува како сериски убиец, паѓа низ временска дупка и завршува во паралелна димензија, која таа решава да ја ја претстави со името 1Q84. Во онаа другата, која со двоумење ја земаме за реална димензија, Тенго е млад писател во подем, кој го пробива тешкиот пат кон слава и успех, додека добива задача од бескрупулозниот издавач Коматсу да го преработи делото на младата писателка Фука-Ери, свесно впуштајќи се во измама.

Низ поглавјата на книгата, ние ги следиме животните приказни на двајцата главни ликови низ еден контрапункт од зборови, кои полека се приближуваат една кон друга, додека светот на 1984 колабира околу нив. Во моментот кога ќе помислиме дека романот се движи по безбеден пат, тогаш Мураками решава да ја зачини својата приказна со капка научна фантастика и ги воведува Малите Луѓе, како носители на злите сили кои се стремат да го уништат и реалниот свет, и оној паралелниот, на  1Q84. 

Повеќеслојноста на перспективите во приказната, како и невообичаената природа на она кое што е набљудувано, претставува јадро на светот кој Мураками ни го разоткрива низ неговата фикција. На моменти, сепак, овие повеќеслојни перспективи ја губат својата моќ - Малите Луѓе, двете месечини, паралелната реалност на „1Q84“ - придонесува дуалноста на двата света да стане по малку клаустрофобична и непотребна. Кон ова придонесува и пасивноста на ликовите и елементите на фантазијата, кои во оваа смисла се и многу малку развиени, земајќи ја предвид самата должина на романот. Од друга страна пак, одредени делови особено во втората половина од романот се подложени на репетитивност, на начин што нарацијата во одредена мера губи од својот чекор.

Сепак, Мураками е премногу вешт раскажувач за да дозволи овие недостатоци да ја нарушат есенцијата на романот. Така, во текот на своето патување низ романот, читателот неминовно се чувствува како да потонува во бунар од соништа, завиткан во расположение на мистична убавина, но и апсурдност. Во таков свет на соништа, во кој тој се обидува да го најде значењето низ превезот на љубопитноста, сликите се оние кои брановидно го движат и постепено му ги откриваат нивните тајни пораки. Ова е четиво кое зборува за свет лишен од приказни полни со значење, и за луѓе кои се лесно подлежни на прифаќање на плитки, неосновани идеи и значења, како што се тоа припадниците на религискита секта Сакигаке. Значењето и повторувањето како основа за потврдување на реалноста е присутно насекаде: во сликите, во сенките, во гестовите и постапките на ликовите. Романот ги зема тие сенки и низ ехо, како прекрасна лесна мелодија, во нив вдахнува зрак на живот. „1Q84“ како и „1984“ создаваат алтернативна реалност во која постои надмоќен систем на верувања и закани да го избрише чувството на индивудуата за себеси. За разлика од реалноста на Орвел каде победува системот, во алтернативниот свет на Мураками  лошите сили се разводнувват, губејќи ја својата моќ и отпловувајќи негде во космосот. Она што останува е љубовта во ветрот и звуците на Симфониетата на Јаначек, која се јавува како лајт мотив низ романот.

  Мураками, во една прилика ќе истакне:

„Јас не сакам да го убедам читателот дека тоа е вистинското нешто; сакам да го покажам онака како што е. Во одредена смисла, јас им кажувам на читателите дека ова е само приказна – како таква таа е измислена. Но, кога измисленото го искусуваш како вистинско, тогаш тоа и може да биде вистинското. Навистина е тешко да се објасни.“
„Во деветнаесеттиот и раниот дваесетти век, писателите во своите дела ја нуделе реалноста, тоа била нивната задача. Во „Војна и мир“, Толстој го опишува бојното поле толку блиску, што читателот верува дека тоа е вистинското нешто. Меѓутоа, јас не. Јас не се преправам дека тоа е вистинското нешто. Ние живееме во лажен свет, ние гледаме лажни вечерни вести. Ние водиме лажна војна. Нашата влада е лажна. Но, ние наоѓаме реалност во овој лажен свет. Така, нашите приказни се исти; се движиме низ лажни сцени, но самите, како што одиме низ овие сцени, сме вистински. Ситуацијата е реална, во онаа смила во која таа претставува обврска, таа е вистинска врска. Тоа е она за кое што јас сакам да пишувам.“


Овие зборови на Мураками го содржат она што резонира во неговата фикција: наоѓањето на реалноста во едноставните животни нешта во свет кој поголемиот дел од времето е надреален. Дури и кога надреалното го следиме подлабоко, секогаш ќе најдеме некој вид на повторена реалност.

Несомнено е дека треба да се има огромно трпение да се пројде низ сите 928 страници на овој роман, да се „издржи“ низ репетитивноста на настаните. Сепак, она што е сигурно е дека пред нас е комплексна приказна која преку истражување на времето, светот на реалноста и фантазијата и преиспитувањето на балансот меѓу доброто и злото, ја предава љубовта во целата своја чистина и (не)возможност. Ова е роман кој бара од читателот широкоумност.

No comments:

Post a Comment