Во овие последни часови од декември се збогувам со две нешта. Се збогувам со 2011, годината која во ниту еден момент не престана да ми приредува добри и лоши изненадувања, годината која промени многу нешта во мене и текот на мојот живот. Во исто време се збогувам со градот кој ми помогна да ја пребродам таа трансформација, кој го исчеличи мојот дух и направи да гледам со помалку страв, а со многу повеќе самодоверба одблиску во лицето на животот. 2011 и Лондон.
Со Лондон се збогувам четири месеци по моето заминување, бидејќи тогаш немав сила тоа да го направам, но сепак со неколебливо ветување и верба за повторна средба. Со 2011 пак, ќе си речам збогум со расказ. На сите нејзини шлаканици, ќе и вратам со приказна, додуша слатко-горчлива приказна. 2011 заслужува доследно збогум и покрај сите неправди. 2011 ја пресече мојата папочна врвца со Лондон и во еден момент неговите јарки бои ги разводни во безлични, бледо-сиви нијанси. 2011 ме разбуди од сонот, ме разголи пред реалноста. Се збогувам со 2011, како што се збогувам со градот од кој бев дел последните речиси три години. А чувството? Чувството наликува на она кога конечно сфаќаш дека и покрај тоа што сакаш да живееш вечно, едноставно нема доволно време за се’. Ја испраќам „неславната“ 2011, ја испраќам среќна, помалку цинично потсмевнувајќи и се додека засекогаш и го вртам грбот. Лондон, од друга страна, засекогаш ќе остане дел од мене.
Неблагодарно би било да не споменам дека и покрај се’ што беше непријатно и неочекувано, 2011 ме научи на многу нешта, но најмногу од се’ да и плукнам во лице на тешкотијата. 2011 испиша безброј страници од зборови, ноти, фотографии, како потсетници на многу пријателства, музика и патувања.
Мојот приказна за Лондон траеше и заврши во 2011. Сосема неочекувано, како што навидум и почна. Деновите и неделите поминати во исчекување на визи и неизвесната заробеност во британските канџи на бирократијата и уморот од сето тоа си го направија своето. Заедно со нив и срушената илузија и суровото потсетување дека ти си граѓанин од трет ред и дека за да навистина успееш да го имаш животот за кој од секогаш си сонувал, во градот во кој посакуваш тој сон да го оствариш, е единствено возможно ако имаш Европски пасош. Се’ друго е само болно одложување на неизбежното, на броење на месеците и деновите и реализацијата дека како странец кој доаѓа од сиромашна земја, таму не си пожелен.
Сега кога размислувам, разделбата со Лондон ја замислував на многу поинаков начин. Замислував дека тоа последно попладне пред да се качам на авион назад за Скопје седам во кафулето на едно од моите омилени места во градот - Science Museum, додека наоколу трчаат деца и играат со пластични реплики од Hubble и од првиот Формула 1 болид и ми го одземаат вниманието од мислите. Во кратките тишини во кои родителите успеваат да ги залажат и смират со штангла чоколадо или ќесичка грицки, во тие моменти ќе успеам да забележам по некоја мисла на белиот лист хартија. Ќе седам така, се’ додека не се јави вработениот од музејот потсетувајќи ги посетителите дека музејот затвора во 17 часот и сите полека треба да се упатат кон излезот. Време. Никогаш нема доволно време. Времето во Лондон –или- сознанието дека постои нов начин на негово мерење. Во Лондон времето се мери со луѓето кои секојдневно ги запознаваш, пријателствата кои ги создаваш. Различно од други места, каде обележјата на твојот живот се дипломирањата, работните места, погребите и венчавките на познаниците, во Лондон ќе забележиш дека времето е поделено според фази на дружење со луѓе.
Во тој момент забележуваш дека оној викенд што си го поминал со Французинот кој тука дошол на распуст, всушност било една цела недела. Дека оние пар месеци кога секојдневно си посетувал концерти, изложби, семинари со Бразилците од твојот клас, всушност биле две години.
Пријателствата стануваат обележја. Ќе отидеш повеќе на забави за испраќање, отколку на родендени. Ќе научиш дека еден човек може да се збогува толку многу пати, што веќе престанува да ги брои и забележува. Ќе ја пронајдеш љубовта од другата страна на Екваторот. Пријателите ќе дојдат и ќе си заминат, приказните за нив ќе останат.
Лондон беше се’ и ништо од она што очекував. Лондон ме промени засекогаш. Секогаш можеш да дискутираш за тоа како живеењето во странство неминовно ги носи тие промени, јас секогаш ќе можам да ти докажам дека Лондон тоа го прави повеќе од било кое друго место.
Во Лондон решив да дојдам во септември 2008 година, откако мојот живот во Скопје ненадејно скршна во друга насока. Се до тој момент, мислев дека имам се’ што очекував од мојот живот на тие години. Дипломирав со награда за студент на генерацијата, успеав во рекордно време да запишам постдипломски, да ги положам сите испити, и дури да работам една академска година како демонстратор на факултет. Сепак, многу работи ненадејно се променија без јас да имам никаков збор во тоа. Со арогантен став и чувство што не беше далеку од она што олицетворува омраза кон сопствената земја и луѓето во неа и со скршено срце, без план за иднината и за прв пат несигурна во личноста којашто дотогаш бев, дојдов во Лондон.
Верувам дека од Лондон си заминав како друга, подобрена варијанта на себе си, и покрај болните околности кои на тоа ме присилија, и покрај разделбата која дојде толку ненајдено, и покрај сите непредвидливи игри на животот. Заминав, не со скршено, туку со оплеменето срце, повторно арогантна, но полна со верба и сигурна во соочувањето со животните предизвици. Заминав од Лондон не со омраза кон луѓето, туку со страст за приказни.
Овие промени колку што му ги должам на градот и себеси, исто толку ги должам на живеењето самостојно, плаќањето на сопствените сметки, купувањето храна, на можноста да научам како да се забавувам, но и како да се справувам со тешкотиите на живеењето сам, далеку од фамилијата, да рационализирам со парите, да работам многу, а да бидам платена многу малку, а тоа да го сфатам како составен дел од живеењето во градот. Повеќе од сето ова, овие промени ги должам на сите неверојатни луѓе од секое ќоше на светот кои ги запознав овде. Секој од овие луѓе на кои наидував во колеџ, на работа, во паб, на автобуска станица, секој од овие луѓе кои по малку ги мразев, а многу ги сакав, со кои работев, живеев – секој од нив остави некаква трага на мојата личност и опкружувањето со сите нешта магични и тешки кои Лондон ме натера да ги апсорбирам.
Чувствувам обврска особено да им се заблагодарам на неколку луѓе (седуммина), повеќе од било кој друг. Фидел и Бени, двајцата Бразилци со кои го запознав алтернативен Лондон, преслушав едно мало богатство од албуми, бев на многу концерти и свирки, изгледав стотици филмови и телевизиски серии, се сретнав со писатели и книги кои ми ја променија перцепцијата на литературата. Двајцата ми покажаа дека пријателите навистина можат да бидат сродни души, со кои ќе поминуваш саати и саати во дискусии свиткани во удобните каучи на Courzon во Soho со кафе-лате, или едноставно ќе уживаш под скржавото лондонско сонце на кровот на Queen of Hoxton во Shortditch. Ми покажаа дека Лондон има илјадници места да се видат, да се почувствуваат, да се пробаат и едноставно да се уживаат. Двајцата ми ја засадија љубовта кон Бразил и бразилската култура, нејзиното богатство, неверојатно вкусната храна (бригадеро, фарофа, пастел) и пред се’ духот на еден извонредно посебен народ. Заради нив, можам да се пофалам дека сум една од ретките во Македонија која го зборува португалскиот јазик, која го познава опусот на Os Mutantes, Caetano Veloso, Machado de Assis...
Како второ, сакам да им се заблагодарам на Елена, Тања и Ками, моите другарки Македонки кои ги запознав во Лондон, со кои научив да пијам пиво, да се однесувам во стилот на лондончаните, да си дозволам да се забавувам до максимум. Ме научија во вербата во вистинско пријателство.
Понатаму, би сакала да го споменам Мињаш, човекот без кого Лондон ќе го напуштев многу порано, за целата негова безрезервна, некомпромисна поддршка, за внесената верба, за сите феноменални концерти, изведувачи и диригенти кои ми овозможи да ги видам во живо, за разбирањето и сочуствувањето со ситуациите. Должник сум му за целиот мој живот.
Конечно, морам да му се заблагодарам на Раул кој ми овозможи да се радувам на едно ново, дотогаш непознато поглавје во мојот живот, кој ме научи дека се’ може да се преброди со храброст и решителност и ми укажа на безусловноста на љубовта и на нејзиното непочитување на културна, возрасна и јазична граница и на разлики во интелектуални интереси и хобија. He is a keeper. Му благодарам и за прекрасните јадења од сите видови кујни кои ми овозможи да ги пробам и за можноста од поинаков агол да гледам на храната.
Помислата дека не успеав да отидам на сите места и настани кои што посакував да ги видам ме прави тажна (меѓу нив се Bath, Stonehengde, музејот на David Attenborough, фестивалот во Huddersfield, на концерт на Andrew Bird, Glastonbury, гробиштата во Highgate...), како и многуте луѓе со кои не успеав да се поздравам, и илјадниците други со кои не успеав ниту да се запознаам. Ме растажува помислата дека повеќе нема да има денови кога ќе можам да си дозволам бескрајно да шетам по книжарите на Covent Garden и South Bank. Ме растажува тоа што Лондон го напуштив, без да знам кога повторно ќе се вратам, како градот ќе изгледа тогаш и дали јас ќе се чувствувам како странец кога тоа ќе се случи. Се надевам дека оставив сопствен белег во овој град и дека сега, кога сум на неколку илјади километри далеку од него, дека всушност му недостигам.
Мојот живот продолжува, продолжувам да се менувам и јас со него. Во едно сум сигурна и знам – дека кога и да се вратам во Лондон, јас ќе бидам променета, променети ќе бидат моите погледи, очекувања, но едно нешто ќе остане исто: мојата љубов кон Лондон.
Приказните за Лондон се приказни за 2011. Сепак, постои една приказна што 2011 неповратно ќе си ја земе со себе во моментот на своето заминување. Тоа е приказната за која нема место во 2012 - приказна за невозможноста, за неможноста да испливаш од брзата река. Неа ќе ви ја раскажам во некој нареден пост.
No comments:
Post a Comment